ИНСТРУКТОРИ

Д-р Огњан Јотов

Како дете со слабо здравје и психологија на жртва често пати бил понижуван и физички малтретиран од страна на  деца и соученици со зголемена агресивност.  Запаѓајќи во депресија и безнадежност заради неможноста да се одбрани започнува да тренира бокс како метода за самоодбрана. Иако после неколку години проблемите исчезнуваат тој продолжува да тренира, процес што не е никогаш прекинат.

Како тинејџер учи од тренерот Страхил Андреевски, а потоа како студент во Загреб тренира еден од младите сениорски боксерски шампиони. Магистрира во Загреб, докторира во Скопје и се пензионира како универзитетски професор на УКИМ. Зборува германски, англиски, руски, француски, албански, македонски, бугарски и српски/хрватски јазик.

Покрај боксерските тренинзи, воодушевен од вештините, како студент продолжува со изучување на Јога и Џудо, а потоа и Карате, за во средните години да продолжи со независно изучување на Таи Чи, Па Куа и Аикидо како и источни методи на лекување.

Носител е на Карате црн појас и го смета тренингот на воинските* (боречките) вештини како интегрален и есенцијален дел од неговиот живот.

 

Емил Јотов

Започнува со тренинг по самоодбрана уште во основно училиште како превентива од  физички напади, но и како проверена метода за правилен физички развој. Последните години ги посветува на развојот на систем за самоодбрана составен од комбинација на западните и источните воински* (боречки) стилови и методи на тренинг посебно приспособен на психата и сфаќањата карактеристични за Европа.

Во тинејџерските години се соочува со сериозни здравствени проблеми кои успешно ги отклонува со посебен режим на исхрана и вежби, што го води кон уште посилно изучување на источните и западните спиритуални и воински* (боречки) вештини како ефикасна метода за психички и физички развој.

Дипломиран вајар и графички дизајнер, изработува музејски, графички и веб дизајн, илустрација, скулптура, 2Д анимација и држи курсови по цртан филм за деца во основните училишта во Австрија.

Иницијатор и еден од менторите на проектот „Jugendliche.Unternehmen.Zukunft” за развојот на руралните подрачја во Австрија финансиран од ЕУ во рамките на PUSEMOR проектот за развој на алпските региони.

Зборува англиски, германски, македонски и српски/хрватски.

 

*Забелешка: Зборот „воински“ го има во третиот том на Речник на македонскиот јазик, издание Детска Радост, Скопје 1994 и сосема му соодветствува на англискиот збор “Martial” во изразот “Martial Arts”. Притоа треба да се прави разлика помеѓу воински и воени вештини кадешто првите најчесто означуваат вештина на борба или самоодбрана претежно со голи раце додека воени вештини – обука и борба со (најчесто огнено) оружје. Разликата помеѓу воински и воени вештини е еквивалентна на разликата помеѓу изразот боречки и борбени вештини.