SELF-DEFENSE (САМООДБРАНА)

kombinirana_samoodbrana

Најопшто кажано воинските* (боречките) системи и вештини се стари колку што е старо и човештвото. Тие варирале и се разликуваат по време и место во зависност од соодветната популација, од нејзините психофизички и генетски карактеристики. Авторите од областа на воинските* системи Дон Дреџер и Роберт Смит кажуваат во еден нивен труд: Нема ништо ново под сонцето (во врска со воинските вештини) освен тоа што е премногу древно и е заборавено. На цртежи најдени во египетските пирамиди може да се видат зафати слични на техниките од денешните модерни зафатни системи за коишто денешните шампиони може само да сонуваат…

Од друга страна неоспорен факт е дека правилно спроведен тренинг на било која воинска* (боречка) вештина го подобрува здравјето на тие што ја тренираат, а може да доведе и до комплетно преобразување (во позитивна смисла) на психата на личноста. Независно од ефектите на здравјето и психата, со оглед на фактот дека криминалот и насилството се во постојан пораст, од непроценлива важност за сите што не се со агресивни склоности е да научат и овладеат некој ефективен систем за самоодбрана.

Со оглед на кажаното, Академијата презентира еден комплетен систем што вклучува методи за одржување и зајакнување на здравјето како и методи за ефективна самоодбрана во широк спектар на конфликтни ситуации, при што се води сметка за генетиката и психофизичките особини на секоја личност посебно. Не се исти методите на тренинг за девојка и за херкулски развиено момче. Независно од тоа, еден дел од основите мора да биде усвоен од сите: Како да се падне со минимална шанса за повреда, како да се зададе правилен удар, како да се избегне или успешно да се неутрализира напад и што е можеби најважно, какво држење и став да има соодветната личност така што и несвесно да одбива од себе дури и секоја помисла за било каков вид на агресија.

За стекнување на споменатите својства на еден вид психофизичка неранливост, потребно е сите неопходни психофизички својства да станат природни и спонтани и постигнување на таа цел е всушност токму тоа кон коешто е насочен тренингот.

Заклучно и резимирачко може да се каже дека основна цел на тренингот по Комбинирана Самоодбрана е формирање на здрава, слободна и среќна личност.

ЕЛЕМЕНТИ НА ТРЕНИНГОТ…Повеќе

ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ…Повеќе

 

*Забелешка: Зборот „воински“ го има во третиот том на Речник на македонскиот јазик, издание Детска Радост, Скопје 1994 и сосема му соодветствува на англискиот збор “Martial” во изразот “Martial Arts”. Притоа треба да се прави разлика помеѓу воински и воени вештини кадешто првите најчесто означуваат вештина на борба или самоодбрана претежно со голи раце додека воени вештини – обука и борба со (најчесто огнено) оружје. Разликата помеѓу воински и воени вештини е еквивалентна на разликата помеѓу изразот боречки и борбени вештини.