НАШАТА ЦЕЛ

Целта на Академијата е двострана:

Како најосновно, покачување на нивото на здравје, отпорност (имунитет) и психофизичка сила, како и соодветни информации за нивно непрекинато одржување и јакнење.

Како второ, но не и помалку важно, стекнување психофизички вештини за успешна самоодбрана во широк спектар на можни опасни конфликтни ситуации, зашто животот сурово и безмилосно не учи дека владеењето со воински* вештини е исто толку важно и неопходно како што било во стариот век, па и илјадници години пред тоа.

На иста линија со вежбите од тип трчање, пливање, дигање тегови, гимнастика и јога, правилно спроведувани воински* (боречки) вежби даваат зачудувачки силен позитивен ефект за подобрување и зајакнување на здравјето во најопшта смисла, дури може и да настане комплетна психофизичка преобразба на личноста што тренира. Не е случајност што во книги посветени на алтернативната медицина покрај Јога, често како системи за лекување и за одржување на добро здравје и виталност се наведуваат и старите воински* вештини Таи Чи и Аикидо. Од тие и слични соодветни причини направен е напор системот што го спроведува Академијата да содржи синтеза на древните источни системи и западните (европски) системи.

Со оглед на кажаното, се надеваме Академијата да стане еден вид центар за размена на искуства и знаења за ефикасна самоодбрана во најразлични услови, но и искуства за излекување и за стекнување железно здравје заедно со позитивна психичка преобразба.

Имајќи ја во предвид трагичната историја на нашиот народ, сметаме дека е неопходно целата територија на Македонија да биде покриена со Академии или еквивалентни центри од сличен вид, при што од особена важност би било во нив да се опфатат сите деца и ако не целокупната барем што поголем дел од женската популација, што би резултирало со нанесување смртен удар на синдромот наречен ропска психологија.

Резимирачки и заклучно, Академијата има за цел да биде еден од елементите што укажуваат на пат и начин за стекнување среќа и вистинска универзална слобода.

 

*Забелешка: Зборот „воински“ го има во третиот том на Речник на македонскиот јазик, издание Детска Радост, Скопје 1994 и сосема му соодветствува на англискиот збор “Martial” во изразот “Martial Arts”. Притоа треба да се прави разлика помеѓу воински и воени вештини кадешто првите најчесто означуваат вештина на борба или самоодбрана претежно со голи раце додека воени вештини – обука и борба со (најчесто огнено) оружје. Разликата помеѓу воински и воени вештини е еквивалентна на разликата помеѓу изразот боречки и борбени вештини.